Палитов: Не сме за издавање на „Фени“ под наем

Палитов: Не сме за издавање на „Фени“ под наем
13.01.18   15:12

Прочитано : 82

Print This Article
loading...

Вработените на „Фени“ не се за издавање на нивната фабрика под наем, затоа што со тоа нема никаква иднина за вработените, а закупецот може во секој момент да си оди затоа што не платил ниту денар за фабриката, ниту има некаква инвестиција во неа.

Ова го истакна денеска Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација во кавадаречкиот комбинат. Тој рече дека нема да дозволат некој да прави краткорочни профити без да инвестира и без да се знае судбината на сите вработени и на побарувањата на сите доверители.

– Стечајот треба да заврши во најкраток рок, како и што ни беше ветено, независно дали Апелација ќе ја врати фабриката во предстечајна постапка или преку реорганизација, апелираше Палитов до надлежните институции.

Се осврна и на, како што рече, вчерашните обвинувања кон него како претседател на Синдикалната организација при „Фени Индустри АД“, од страна на некои медиуми.

– Имено, јас ја имав таа несреќа да бидам претседател на Синдикатот на “Фени” во можеби најтешкиот период во последните 15 години. Но во едно сум сигурен, а тоа е дека ја извршувам оваа функција максимално транспарентно, со преголема енергија и само со една цел, враќање на „Фени“ на правите патеки, односно помагање за рестартирање на комбинатот. Во согласност со ова како и за моите колеги, јас како борец за општото добро сум во постојан контакт и со другите загрозени субјекти од овој стечај, а тука спаѓаат и транспортерите. Точно е дека јас бев присутен на тој состанок по нивно барање и разговаравме за моменталните проблеми и евентуалните последици за сите нас. Ниту имам лична корист од некого да фаворизирам, ниту имам желба да критикувам. Имам улога на лидер на вработените и тоа го правам. Ние само сакаме „Фени“ да добие сопственици кои го сакаат најдоброто за фабриката и кои се подготвени да инвестираат во неа, рече тој.

На сите кои се служат со закани и уцени, им порача да се појават јавно и да не се кријат, затоа што, како што нагласи, ќе им следи и кривична пријава.

loading...
  Категории: