Одбиено барањето за изземање на судечкиот совет за „Траекторија“

Одбиено барањето за изземање на судечкиот совет за „Траекторија“
17.04.18   15:05

Прочитано : 86

Print This Article
loading...

Рочиштето за предметот „Траекторија“ на СЈО попладнево продолжи откако судијата Горан Бошевски соопшти дека е одбиено како неосновано барањето на одбраната за изземање на судечкиот совет и судиите поротници.

Реагираше адвокатот Еленко Миланов оценувајќи дека одбивањето на барањето за изземање на судечкиот совет и отфрлањето на барањето за изземање на претседателот на Кривичен суд Иван Џолев и судии од Апелација е спротивно на правото.

Обвинителката Лиле Стефановска кажа дека денеска треба да бидат изнесени материјални докази во кои дел се и аудио снимки. Имајќи предвид дека снимките во мал дел содржат и приватни разговори Стефановска побара повлекување на некои разговори.

Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „Траекторија“ на почетокот на денешното рочиште побара изземање на судечкиот совет, на претседателот на Кривичен суд Иван Џолев и на судии од Апелацискиот суд.

Адвокатот Еленко Миланов рече дека изземањето го бараат поради информации и изнесени од специјалната обвинителка Катица Јанева на една телевизија дека во снимените аудио материјали со кои располага СЈО има и судии и обвинители.

Ова е истата причина поради која беа барани изземања и во други случаи на СЈО.

Во „Траекторија“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие денеска дојдоа во Кривичниот суд.

Обвинети се дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија им ја плаќа на подизведувачите.

Адвокатите, пак, тврдат дека ќе докажат оти со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.

  Категории: