Обични херои

Обични херои
1.12.16   21:00

Прочитано : 3,140

Print This Article

Кога се движите низ блоковите на знаењето и етичките системи, кога се движите по патеките помеѓу сивите блокови на споменикот за Аушвиц – имате две опции на однос кон тоа: се опирате и критички го дефинирате својот став, создавате некој алтернативен систем на знаење, се обидувате да разберете, се грчите во етички став кон тоа – или настанува нешто што го нарекувам ПРЕПУШТАЊЕ.  Пуштате емотивната гравитација на тие камења, на тие ликови и нивните дела – да ве однесе каде тие сакаат! Ја носите таа „лудачка одлука“ да не бидете ВИЕ, субјект кој критички посматра, авто-поетичен, туку да бидете низ-нив-вие.

c75t0029

НА МЕСТОТО НА ЗЛОСТОРСТВОТО, на топосот на ИД-ЗЛОТО, каде во мракот на логорот се чини дека се е можно, каде биолошките тела на „другите“ се претворени во трупла или идни трупови – каде запрепастено и низ безгласен крик гледате како обичните луѓе се претвараат во обични монструми – таму се судирате со ОБИЧНИТЕ ХЕРОИ!

Нив им се препуштате како единствен можен спас – за нашата урната човечност која како зараза и на вас се проширува, на вас кои сте биле набљудувачи или современици на етничките чистења, масовните убиства и мракобесието на етничката омраза.

Етничките масовни убиства, логорите за убивање и за силување  – не се само топоси на убивање и физичко и психичко дивеење – тие се места на  производство на не-човек, non-human  од човечиот материјал која сте мислеле дека е човек! Тие се места на апсолутно рушење на правото и индивидуалната човечност и нивна замена со квази-поетичност на националните, религиозни и етно-митологии претворени во општи лиценци за убивање.

Тие кои умреле, го допреле дното се апсолутните сведоци на хоророт – за  злостоството кое не може да се изрази со зборови. Спасителите кои се на овие моќни фотографии (на изложбата „Спасители“) не се сведоци – тие се АКТЕРИ НА СПАСУВАЊЕ НА СВЕТОТ, според она дека оној кој ќе спаси еден живот – го спасува светот. Аристотел за нив има израз „богови меѓу луѓето“. Тие се самите по себе и со својот гест – право и воспоставуваат право, кое е изгубено во биополитиката на етничкото чистење. Овие ликови имаат автономија моќна да го пре-воспостави етичкиот став: другиот-тоа-сум-јас!  Тие се топос на вечното враќање на човекот кон себе и другиот-во-себе! Тие се ПЕРСОНИ, наспроти СЕНКИТЕ НА МРАКОТ. Тој принцип, нивниот принцип е најопасен за поредокот на етно-националистичките, колективистички шизми на  омраза и насилство. Тој е нивна вистинска алтернатива.

Но, овие слики околу вас се фронт на уште една борба која тече! Тие се тоа како гест на воспоставување на историјата и меморијата. Тие се  отпор кон dementio memoriae – изгонување од меморијата на ид-злото и на крикот на жртвата. Тие се борба против насилството на организираното заборавање. Како што вели Делез, нам не ни недостасува комуникација, ја имаме премногу. Нам ни недостасува создавање, креација на мемориски топоси, одреднички, мегнички места кои треба да се паметат, околу кои и од кои историјата се конструира. Нам ни се потребни топои на вистината за страдањето на нашите ближни, нивните вистини како стварност на историјата на човекот и неговото време.

На крајот, овие слики се парчиња уметност за која не може ништо да се каже, освен дека едноставно Е (како вели Морис Бланшо). Тие се евентот на Бадју кој создава нова стварност.

Не знам дали можам да Ви посакам да уживате во изложбата на овие моќни слики, или можеби да Ви го посакам она на Б.Конески да одите низ нив  со нездрава трепет?  Но сакам да им се заблагодарам на организаторите кои носејки ја оваа изложба до нас –  отворија рана  низ која светлина може да допре до нашите уморни души. Да им се заблагодарам на нашите хероини кои бавејќи се научно со логорот, голиот живот, со биополитиката ни овозможија да ги восприемиме овие слики и целиот овој настан – на поинаков начин од рамнодушноста.

За сите нив уште еднаш благодарам .

Љубомир Д. Фрчкоски

(прочитано на отворањето на изложбата „Спасители“ – изложба на портрети и сведоштва на луѓе кои имале значајна морална улога за време на конфликтите во Камбоџа, Руанда, Босна и Херцеговина…
Скопје 28.11.2016)

loading...

98548904543

17 фотографии кои докажуваат дека мачките се неодоливи кретени

на кои не можете да им се налутите

15271446_10154467469488387_2071062741_o

  Категории: