Најчевска се самопријавува во ОЈО за учество на протести против криминалците во власта

Најчевска се самопријавува во ОЈО за учество на протести против криминалците во власта
25.04.16   15:22

Прочитано : 962

Print This Article

ДО ОСНОВНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО – СКОПЈЕ

ДО ОДДЕЛЕНИЕТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ ПРИ ОСНОВНИОТ СУД СКОПЈЕ

ПРИЈАВА

Од д- р Мирјана Најчевска со татко Димче Најчески и мајка Добрила Најческа, редовен професор на Универзитетот “(Св.) Кирил и Методиј“ во Скопје, со привремено живеалиште на Бањански пат бр 31 (во ќорсокакот “Три четврт хармонија“ (веднаш после колонијалот на Џепиќ)

cgvjfwhwmaeqbhkСе пријавувам дека во изминатите 15 дена 7 пати учествувам во толпа (многу симпатична и разиграна) која протестираше против криминалците во власта и нивните другарчиња дисперзирани во сите државни органи и институции. Многу се извинувам на сите учесници во толпата за моите изостаноци (имам оправдание).

Фрлив едно јајце кон канцеларијата на која имаше табла “Народна канцеларија на претседателот на Република Македонија“ (кое многу убаво се распрсна на едно од стаклата од канцеларијата). Не ми дадоа повеќе јајца (што го сметам за голема неправда), и затоа морав да се задоволам со навивање и поттикнување.

Фрлив две јајца кон капијата која ја изградија криминалците во власта и тие сега ја красат со многу убава жолта боја грдата и бесмислена арка која зборува за триумфот на глупоста, незнаењето и насилството. Јајцата си ги донесов самата (всушност, донесов повеќе, ама ми побараа и јас ете така зошто сум добра им ги дадов на децата).

Го офарбав со црвена боја едно од мадињата (левото да прецизирам) на еден од лавовите (оној лево од опашката на коњот) на фонтаната на таткоубиецот, крвник за многу луѓе кој од непознати причини се издига на среде плоштадот од мојот град.

Фрлив боја кон некоја од зградите во барок (не се сеќавам која), но не успеав да ја разубавам (имав болки во раката и сега морам на терапија).

Сите овие дејствија ги направив организирана со неколку мои роднини, некои пријатели, неколку луѓе кои сега ги запознав (ама многу добро се изорганизиравме) и со некои луѓе за кои појма немам кои се ама супер се дружат па ги примивме во нашата организација.

Во повеќе наврати зборував пред различни толпи и ги поттикнував хулиганите да го почитуваат правото, да не дозволат правото да се прекршува и да се спротистават на сите оние кои ги повредуваат човековите права и слободи.

Имам намера делата да ги повторам уште поорганизирано и уште поуспешно, а имам намера да направам и уште такви страшни кривични дела (како препознаена хулиганка).

Мојот организиран настап ќе трае се до насилното воспоставување и зацврстување на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права.

Немој после да речете дека не сум ви кажала.

25.04.2016

(шифра – Winter is coming)

PS

Овој лавов на фотографијата не го разубавив јас, ама ептен ми се допаѓа па го ставив. Немам намера да узурпирам ничии авторски права.

Извор: Блогот на Најчевска

view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести