На нови избори со стари кадри

На нови избори со стари кадри
15.09.17   10:55

Прочитано : 397

Print This Article

Актуелни градоначалници, пратеници, претседатели на општински комитети… Со многу мали исклучоци, на претстојните локални избори партиите ќе се натпреваруваат со веќе познати кадри, пишува Дојче веле.

Ноќеска на полноќ истече законскиот рок за поднесување на кандидатските листи за локалните избори, кои ќе се одвиваат во атмосфера на изменето расположение кај гласачите. Имено, за првпат по десет години, СДСМ е со поголем рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ – покажа анкетата на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и телевизијата „Телма“, телефонски спроведена од М-Проспект од 4 до 11 септември, на репрезентативен примерок од 1005 испитаници. На прашањето – за која партија ќе гласате на следните избори, за СДСМ се изјасниле 24,3 отсто од испитаниците, за ВМРО-ДПМНЕ, 20,9 отсто, за ДУИ би гласале 8,9 отсто, за Беса, 3,1 отсто, а за Алијансата на Албанците 2,7 отсто од испитаниците. Но, индикативен е и процентот на неопределените и оние кои одбиле да кажат за кого би гласале – над 37 отсто. Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, исто така има поголема доверба кај граѓаните од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. На прашањето – во кој политичар имате најголема доверба, за Заев се изјасниле 26,2 отсто од испитаниците, а за Груевски 19,7 отсто. На прашањето – дали ќе излезете да гласате на локалните избори, 79,8 отсто од испитаниците одговориле потврдно, 9,2 отсто одговориле негативно и 11 отсто одбиле да одговорат.

Познати кандидати

Овие резултати во наредниот период ќе бидат предмет на анализа кај учесниците во локалните избори, но според аналитичарите дел од незаинтересираноста или одбивањето да се одговори, сигурно лежи и во квалитетот на кадровската понуда. Од тој аспект, партиите немаат голема основа да се пофалат. Сите се повикуваат на анкети кои им даваат насока за расположението на граѓаните, но евидентно е дека во изборот влијаат и политички калкулации.

ВМРО-ДПМНЕ, која доминира во локалната власт, на овие избори ќе се натпреварува претежно со познати кадри – актулни градоначалници, пратеници, претседатели на општински комитети. Покрај двајца кандидати лекари – еден за Струмица, друг за Охрид, Јохан Тарчуловски во Кисела Вода, поранешниот кошаркар, Дејан Јовановски, кандидат за општина Центар и кандидатурата на пратеникот Зоран Илиоски за Битола со што завршува „доминацијата“ на Владимир Талески, партијата во новата изборна трка влегува со триесетина актуелни градоначалници – на Скопје, Прилеп, Велес, Штип, Босилово, Свети Николе, Ново Село, Василево, Валандово, Демир Капија, Новаци, Кочани, Ресен, Гевгелија, Македонска Каменица, Дојран, Зрновци, Крива Паланка, Сопиште, Демир Хисар, Јагуновце, Пехчево, Пробиштип, Градско, Росоман, Аеродром, Гази Баба…

ВМРО-ДПМНЕ во овие решенија гледа „најквалитетната кадровска и програмска понуда“, а локалните избори ги третира како еден вид референдумско изјаснување за иднината на земјата, очекува победа, по што неизбежно би било и одржување параламентарни избори. Од СДСМ оценија дека со понудата за градоначалници ВМРО-ДПМНЕ ги потценува граѓаните и партијата убедливо ќе загуби на изборите.

„Единствен квалитет на предложените кандидати е тоа што се продолжена рака на Груевски и што ревносно го следат примерот на нивниот шеф за коруптивно и расипничко владеење. Крадоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ не можат да понудат ништо освен криминал, корупција и неспособност“, оцени СДСМ.

Позиционирање за парламентарни?

Ниту ВМРО-ДПМНЕ нема пофални зборови за кандидатите на СДСМ. Во оценките доминираат етикетите – неспособни, истрошени, прочитани, корумпирани, без резултати… Во трката за Скопје на Коце Трајановски ривал од СДСМ ќе му биде пратеникот Петре Шилегов. Битката на СДСМ за Центар ќе ја води Саша Богдановиќ, за Карпош – Стефан Богоев, за Кисела Вода – Филип Темелковски, за Аеродром – Златко Марин, за Ѓорче Петров – Александар Наумовски. Пратеникот Бетиан Китев влегува во трката за Кавадарци, Максим Димитриевски за Куманово, Јован Стојановски за Охрид, Благоја Бочварски за Штип, Наташа Петровска за за Битола, а жена е кандидат и за градоначалник во општина Арачиново – Миликије Халими.

Кандидатите за градоначалници ги објави и коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ. Во поголемите општини нови мандати повторно ќе бараат актуелните градоначалници – за Тетово Теута Арифи, за Гостивар Невзат Бејта, за Дебар Ружди Лата и за Кичево Фатмир Дехари. За Струга е кандидиран министерот без ресор и поранешен градоначалник на оваа општина, Рамиз Мерко. И додека двата коалициски партнери очекуваат меѓусебна поддршка на овие избори, третиот колициски партнер Алијансата за Албанците настапува со свои кандидати во повеќе општини, меѓу кои Струга (Зијадин Села) и Гостивар (Арбен Таравари). Како оваа ситуација ќе се рефлектира во коалицијата на централно ниво, и дали таа ќе биде увертира за позиционирање за ново парламентарно одмерување на силите, ќе покаже и тонот на кампањата и изборните резултати. Нејасно е и дали Движењето „Беса“ кое настапува самостојно ќе добие поддршка „под маса“ од опозицијата во одредени општини, каде главниот ривал ќе биде ДУИ.

Општинските изборни комисии во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати треба да утврди дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е во согласност со одредбите на Изборниот законик. Потврдените кандидатски листи треба да бидат доставени до ДИК најдоцна до 16 септември. Според Роковникот за изборни активности, жрепката треба да се одржи на 18 септември. Шестите локални избори се закажани на 15 октомври и ќе се спроведуваат во 80 општини и во градот Скопје. Изборната кампања почнува на 25 септември на полноќ, а ќе заврши на 13-ти октомври.

  Категории:
view more articles

Актуелно

view more articles

Останати вести