На Флорида дури сега се гледа вистинскиот размер на катастрофата што ја предизвика Ирма

На Флорида дури сега се гледа вистинскиот размер на катастрофата што ја предизвика Ирма
12.09.17   13:14

Прочитано : 1,495

Print This Article

Ветрот и дождот попуштаат, водата во поплавените региони полека се повлекува. Но, на Флорида дури сега се гледа вистинскиот размер на катастрофата што ја предизвика ураганот Ирма, пишува Дојче веле.

На Флорида почнаа работите на расчистување по походот на ураганот Ирма. Обемот на штетите станува сѐ повидлив. Ирма во текот на ноќта почна да се движи кон северозапад, кон сојузните држави Алабама и Тенеси. Според проценките, во регионот погоден од кататсрофата досега животите ги загубиле 45 луѓе.

Невремето во многу делови на Флорида ги откорна покривите на куќите и предизвика прекини на електричната и телефонската мрежа. Без струја се милиони домаќинства, според некои податоци дури половината од домаќинствата на Флорида. Од Центарот за урагани во Мајами се јавува дека поплавите во кризните подрачја полека попуштаат, сепак опасност од поплави и натаму има. Властите ветуваат дека ќе воспостават снабдување со струја и вода за пиење најбрзо што е можно. Меѓутоа, се додава дека во некои делови тоа може да потрае со недели.

Ирма вчеравечер загуби повторно на сила, меѓутоа сепак донесе силен дожд, ветер и поплави во Јужна Каролина и Џорџија. Ураганот на копно стигна во средата, а прво беше зафатен малиот карипски остров Барбуда. Ова е еден од најсилните урагани регистрирани воопшто во регионот. Некои делови на Карибите се толку оштетени што важат како подрачја во кои е невозможно да се живее.

На Карипските острови невремето остави 34 жртви, меѓу нив 10 жртви на Куба. Според телевизијата Ен-Би-Си во САД загинале најмалку 10 лица – 6 на Флорида, 3 во Џорџија и една жртва има во Јужна Каролина.

  Категории: