Мобилен во џепче за мир во училниците – професори и ученици дебатираат во Студио 1

Мобилен во џепче за мир во училниците – професори и ученици дебатираат во Студио 1
Mobilni na uchiliste

Многу позитивни реакции на социјалните мрежи доби иницијативата на професорите и родителите на учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Скопје, за време на часовите, мобилните телефони да се оставаат во посебни вреќички, според бројот во дневникот.

За ова, училиштето нема потрошено ни денар, родителите биле толку задоволни, што некои самите рачно изработиле вреќички и ги донирале за гимназијата. Професорките велат дека учениците од трета и четврта година се побунтовни, но немаат никаков проблем со тие од прва и втора.

-Кога ни се телефоните во џепчиња, на место, можеме повеќе да обрнеме внимание на часот и на тоа што го предава професорот, наместо да гледаме во телефоните. Секој има навика за телефонот. Јас не сум многу зависна од телефонот, сигурна сум дека има многу што се зависни и го мислат, но сепак, школо е школо, вели ученичката Ана Мијалчиќ.

Спротивно од неа размислува ученикот од четврта година Игор Рангелов, кој смета дека има поддршка од родителите, бидејќи тие му го купиле мобилниот.

-Треба да се смислуваат нови работи, како да препишеш, како да договориш кафе после школо, вели тој.

Професорката Светлана Тасевиќ смета дека сега треба да се покаже и академската чесност, односно бидејќи ученикот нема да има телефон, да не се обиде да го злоупотреби за препишување.

-До сега, кога се случувало на учениците на час да им заѕвони телефон, имало ситуации да кажат дека е итно, дека очекуваат повик и сме дозволувале, сме имале разбирање. Но ако забележиме дека некој постојано гледа во телефонот, игра игри или е на некоја социјална мрежа, за да се занимава со нешто друго освен она што треба да го следи на часот, се случувало да биде упатен на разговор кај педагогот или да биде повикан родител, вели професорката Ксенија Хаџи-Тасева.

Наставната програма предвидува 30% од наставата да вклучува информатичка технологија, па тогаш учениците смеат да ги користат телефоните. Но со џепчињата, се сменила атмосферата во училиштето, за да бидат поконцентрирани на наставата, па професорите се надеваат дека учениците ќе ја прифатат промената.