Мицкоски и референдумот

Мицкоски и референдумот
12.08.18   22:34

Прочитано : 299

Print This Article
loading...

Лидерот на ДПМНЕ Мицкоски неуморно шета  по Македонија на ова жешко време и го прашува народецот за се’ и сешто, а посебно како да постапи на закажаниот референдум.  Најново, Мицкоски беше на планинарскиот марш „Беласица„ па ќе изјави: „На  марш имав можност да поразговарам со многу млади луѓе. Да ги слушнам нивните проблеми, но и нивните идеи и визија со што ќе ни бидат од помош при изработката на нашата програма.„ На човекот му треба помош, а оној неговиот ментор Груевски запнал само да ја избоксува амнестијата и да го спаси од  затвор. Најдобро да го чуе што ќе му каже народот и така да постапи, нема подобар совет од оној што ќе му го даде народот! На секој некадарен човек му треба помош, а сега на вакво тешко прашање како што е референдумот само народот може да му помогне. Знае Мицко од каде треба да црпи  памет!

Замислете го Мицкоски оди на некоја плажа, сега луѓето на ова топло време сите се по плажи, па случајни луѓе ги прашува: „Дали го подржувате капитулантскиот договор со Грција со кој се губи идентитетот, јазикот, државата Македонија?  Сигурно не? Затоа не одете на гласање, бојкотирајте го референдумот!„ И така Мицкоски од плажа на плажа, од пазар на пазар, од кафеана во кафеана, од улица на улица, од село на село, од град во град, секаде може да се најде на било кое катче од Македонија го испитува јавното мислење на народот   каков став неговата партија да изгради за референдумот. Ете каде е 10 септември, нема полн месец дена а опозицијата ДПМНЕ треба да соопшти свој став за референдумот.

Човекот е на тешки маки. Заев го повикува да се изјасни за став по Договорот со Грција, да ги повика членовите и симпатизерите да излезат на референдум па нека гласат и против. Меѓународната заедница го повикува на конструктивност и му укажуваат на предностите за членство во НАТО и ЕУ од прифаќање на Договорот. Како тој да не знае! Неговиот ментор Груевски пошто пото бара да издејствува амнестија по секоја цена користејќи го референдумот за Договорот за уцена и пазарење. Човекот е во невидена мака, не знае како да му погоди  на својот ментор, да не ја налути Меѓународната заедница, а што се однесува до Заев и тој му е потребен заради пазарот со амнестијата! Но тука е народот, откако ќе го консултира народот по принципот „од врата на врата„ ќе формира мислење до 10 септември и ќе го соопшти на јавноста. Некој го спомна разумот? Не, ДПМНЕ не користи разум тоа е за разумни луѓе, ДПМНЕ и Мицкоски користат  инат и инструкциите од почесниот претседател на ДПМНЕ и менторот на Мицкоски.

Можеме да погаѓаме каков став ќе изгради Мицкоски после „консултацијата со народот„! Ете каков. Ако не успее да се испазари со Заев за амнестијата, а за тоа нема да има никакви шанси но вреди да се проба, останува да постапи по инструкциите на својот ментор да го бојкотира референдумот во последен момент. Тоа е единствено решение што ќе му годи на неговиот ментор за да референдумот не успее, се другото, па и меѓународната заедница, не се важни. Ќе најде повеќе оправдувањата за ваква одлука, а секако најважната е одлуката ја донел после консултацијата со народот. Не за џабе цел месец по таа горештина одел низ Македонија, но се исплатил трудот за да донесе правилна одлука! Нели народот одлучува а Мицкоски како „најголем патриот„ – „патриот над патриотите„ да не го послуша „неговиот сакан народ„!

Сакам нешто да и предложам на опозицијата и на лидерот на ДПМНЕ Мицкоски. Во нивното 11 годишно владеење, ДПМНЕ успеа да го подели македонскиот народ на две екстремни половини, едни против други, едни за прифаќање на Договорот и влез во НАТО и ЕУ а други против Договорот без влез во НАТО и ЕУ. Тоа е вистината. Еве сега тоа се потврди со спроведената анкета од МЦМС според која излезноста на референдумот би била 66% од кои 41,5 би гласале ЗА  Договорот со Грција а 35%  ПРОТИВ. Ова укажува дека тие се поделени скоро подеднакво. Со негативната кампања против референдумот што може да се очекува од страна на ДПМНЕ и Мицкоски, македонските гласачи што би гласале ЗА и ПРОТИВ Договорот со Грција и влез во НАТО и ЕУ може дури и да се изедначи. Какво решение може да се бара во ваква пат позиција?

Еве ќе одговориме на ова прашање со еден хипотетичен предлог до Мицкоски. Мицкоски овој предлог е како скроен за Вас, Вие и онака никогаш нема да бидете премиер а вака таа шанса Ви се дава! Да ја поделиме Македонија на два дела, во едниот дел да живее „вашиот народ„ кој не го подржува Договорот со Грција и не сака влез во НАТО и ЕУ со влада на која Вие Мицкоски ќе бидете премиер и  друг  дел на Македонија во кој ќе се насели „туѓиот народ„ кој го подржува Договорот и влез  во НАТО и ЕУ со премиер на влада Заев. Поделениот македонски народ ќе се најде секој во своја природна средина за живеење, една „Балканска Македонија„ во која ќе живее „вашиот народ – патриотите„ и една „Северна Македонија„ идна члена на НАТО и ЕУ во која ќе живее „туѓиот народ – предавниците„.

Во „Балканска Македонија„ каде Мицкоски како премиер ќе ги покаже на дело сите негови вештини на владеење и ќе го оствари сите заложби кои сега ги кажува и ќе ја направи таа Македонија среќна и достоинствена земја со просечни плато под 400 евра, невработеност од 30 до 40%, со криминал и корупција до гуша, сваровско судство, криминал на сите страни – едноставно онаква или бетер како што беше во 11 годишното владеење на ДПМНЕ. Можеби таквата ваша  „Балканска Македонија„ ќе биде лика и прилика како што беше Македонија во време на владеењето на Вашиот ментор Никола Груевски – копија.

Што ќе се случи со другиот дел, Република Северна Македонија членка на НАТО и ЕУ? Прво, во таа Македонија ќе се живее европски со европски стандарди. Понатаму, поради големиот прилив на странски инвестиции и пристапните европски фондови таа Македонија ќе стане високо развиена земја со просечна плата од 1.000 евра со тенденција на зголемување во иднина до постигнување на европски просек; невработеност од 5 до 10%;  правна држава, ефикасна и рационална администрација, криминал и корупција на толерантно европско ниво; слободен пазар од преку 500 милиони луѓе;   слободно движење на стоки, капитал и луѓе во цела Европа; шенген виза и евро како национална валута… се’ во догледно идно време.

Мицкоски, дали ќе има разлика меѓу „вашата Балканска Македонија„ и „нашата Северна Македонија„? Ќе има, ќе има Мицкоски! Исто како што има меѓу Северна и Јужна Кореја. Добра споредба, баш таква разлика – Република Северна Македонија, исто како Јужна Кореја, ќе биде високо развиена индустриска земја со висока технологија, висок стандард, европски начин на живеење, едноставно земја на благосостојба и среќни луѓе! А што ќе биде со вашата „Балканска Македонија? Исто како Северна Кореја, земја со балкански начин на живеење, голема сиромаштија можеби поголема од сегашната, земја на криминал и корупција, затворена земја на несреќни луѓе кои само со виза ќе можат да излезат од земјата, земја со авторитарен режим на чело со Вас Мицкоски како премиер на  влада или друг како Вас…

Дали тоа го сакате другар Мицко?! Бујрум, понудете го тоа на „вашиот народ„ не директно, онака индиректно со бојкотирање на Договорот со Грција. Да Ве оставиме Мицкоски на мира да размислете до 10 септември и изградите став за референдумот! Сите разумни луѓе работите ги решаваат со разум, а Вие???

Душан Димитров

 

 

 

 

loading...
  Категории: