Лобирање за прием во ЕУ, приоритети на новите амбасадори во ЕУ и во Франција

Лобирање за прием во ЕУ, приоритети на новите амбасадори во ЕУ и во Франција

Зголемени активности и залагања да се искористи позитивниот моментум во односите со Европската унија за добивање покана за членство и одредување датум за почеток на преговорите, преку зајакнување на односите со земјите членки на ЕУ, соработката со европратениците, лобирање, се дел од главните приоритети на идната амбасадорка на РМ при постојаната Мисија при ЕУ во Брисел Агнеза Руси Поповска што ги најави претставувајќи ја платформата за делување пред членовите на Комисијата за надворешна политика.

Покрај Руси-Поповска својата платформа пред Комисијата ја претстави и Јадранка Чаушевска Димов, амбасадор на РМ во Француската Република, која пак, посочи дека меѓу другото, со своите активности ќе делува во насока да и укаже на Франција дека процесот на стабилизирање и реформирање на ЕУ и процесот за евроинтеграција на Македонија, не се во судир и оти можат да се одвиваат паралелно.

Ова особено рече, рече таа, во контекст на изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон дека ЕУ не треба во скоро време да размислува за проширување без претходно да помине низ процесот на реформирање.

Амбасадорката Руси Поповска истакна дека Македонија треба да го искористи престојниот период да направи се на јунскиот Самит на ЕУ да добие покана и датум за преговори за членство, особено, како што рече, по добивањето на обновената и безусловена препорака за членство во ЕУ од страна на ЕУ.

Препораката, рече Руси Поповска, меѓу другото, е резултат на спроведените реформи, унапредувањето на добрососедските односи, интензивирање на преговорите за решавање на спорот за разликите околу името… Македонија, истакна амбасадорката, исто така треба да биде подготвена и отворање и водење на претпристапните преговори.

– Нашиот фокус и како дипломатија, и како државни инстуции верувам дека е насочен во тој правец, да го искористиме периодот најдобро што можеме и да го почнеме долгоочекуваниот скрининг процес кој почнува со клучните поглавја од правото на ЕУ а тоа се поглавјата 23 и 24, рече Руси Поповска.

Амбасадорката Чаушевска Димов, смета дека Македонија не треба да се обесхрабрува од изјавата на Макрон дека ЕУ не треба да се проширува во скоро време, туку да ја убеди франција дека тие два процеси не се во судир.

– Пристапот што треба да го имаме и јас како амбасадор таму и како држава е на францизите да им објасниме дека нашиот процес на пристапување е мачен и долг во кој треба да си ја сработиме задачата, и реформата на ЕУ е исто така процес. Тие не треба да гледаат судир на тие два процеси, кои можат да се одвиваат паралелно. Тоа, отприлика ќе биде мојот настап со француските соговорници, рече амбасадорката.

Дополнително, рече треба да им објасниме дека членството во ЕУ не е само во интерес на Македонија, туку и на самата Унија.

Најави дека како амбасадор ќе работи поинтензивно и поагресивно во претставувањето на Македонија, затоа што, како што рече, за незаинтересираноста на Франција за Македонија не влијаат само нејзините внатрешни прилики или фокусот во нејзината надворешна политика, туку и тоа што нашата дипломатија таму претходно била многу интертна. Дополнителен проблем, рече е што РМ две години таму нема амбасадор.

Ваквиот пристап, рече, веќе се менува и за тоа сведочи и неодамнешната посета на министерот за надворешни работи Никола Димитров на Франција и очекувањата наскоро да има и посета на македонскиот премиер на оваа земја. Ќе работи, додаде амбасадорката, и на можности за зголемување на трговската размена, но и на соработката со македонските иселеници.