ЛИ2017/ (ВИДЕО) Шилегов: Го ослободуваме Скопје, секое дете ќе има свое дрво на иднината, ќе живееме во модерен град

ЛИ2017/ (ВИДЕО) Шилегов: Го ослободуваме Скопје, секое дете ќе има свое дрво на иднината, ќе живееме во модерен град
9.10.17   11:39

Прочитано : 261

Print This Article

Обраќање,
Петре Шилегов, кандидат за градоначалник на Град Скопје
Скопје, 08.10.2017

Е ова е моето Скопје! Ова е Скопје што го сакам! Ова е Скопје за кое што живеам!

Добро вечер, драги мои сограѓани,

Ве повикувам на 15 октомври сите заедно, сложно, гордо и достоинствено да го зададеме последниот удар на режимот на бандата Никола Груевски!

Одлуката е во вашите раце. Масовно и гордо да гласаме за бројот 19 и повторно со пенкало да покажеме дека сакаме промени, дека можеме да добиеме промени со пенкало во рака.

И конечно да им ја испратиме пораката Скопје веќе не е вмровски град!

Скопје е град на сите! Скопје го враќаме на граѓаните!

Нема веќе партиски поделби, нема веќе етнички поделби!

Почитувани пријатели,

Има уште малку од кампањата,

Изминативе денови ги поминав сите скопски општини, поминав многу населени места, се сретнав со многу мои сограѓани, сите, ама буквално сите, ме пречекаа и ме испратија со истата порака.

Да се обединиме за на Скопје да му ја донесеме слободата. Да се обединиме за во Скопје да го вратиме животот за сите.

И да знаете, кога ве гледам вечерва, убави, насмеани, луѓе полни со надеж знам, убеден сум, сигурен сум – слободата е тука, слободата е меѓу нас, слободата е нешто што си го земаме назад, нешто што на 15 октомври како силен крик ќе викне низ цело Скопје, низ цела Македонија.

Драги мои,

Цела деценија сме жртви на политичкото, урбаното, криминалното, коруптивното лудило на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Скопје направија свој вилает.

Градеа каде што сакаат, поставуваа споменици среде ноќ, како најголеми криминалци во светот, сечеа дрва по полноќ како најголеми криминалци во светот штитени од полиција. Менуваа урбанистички планови во три часот наутро.
Водно го упропастија.
Сечеа дрва кај ќе стигнат, а нас граѓаните не оставија да се гушиме во чад и во смог. И ни велеа седете дома, не отварајте прозори. Никола Груевски преку Коце Трајановски правеше буквално што сака со нашиот град.

Е затоа ве повикувам на 15 октомври да ставиме крај на ваквите политики.
На Груевски и на неговите извршители Скопје, скопјани, Македонија, граѓаните на Македонија да им дадеме црвен картон.

И потоа заедно, сите сложно да свртиме нова страница за едно поубаво Скопје, организирано и функционално Скопје.

Драги мои пријатели,

Јас и мојот тим имаме јасна идеја и план како од Скопје да направиме европски град.

Наместо барокни згради, ќе правиме паркови. Нема да садиме палми, туку изгубеното зеленило ќе го надоместиме со дрвја што одговараат на ова наше скопско, македонско поднебје.

Скопје за четири години ветувам ќе стане зелен град, а не како досега град на стиропор и на необарок.

Огревот за домаќинствата е еден од најголемите фактори во загадувањето. Затоа, како градоначалник на Скопје во 2018 година, ќе ја започнам гасификацијата на градот Скопје, токму од населбите кои што не се приклучени на топлификациската мрежа.

Водно веќе нема да го соголуваме, туку повторно ќе стане рекреативен центар на граѓаните, а ќе обезбедиме и посебен сообраќаен режим за Водно.

Соголените делови ќе ги пошумиме, планината на Скопје ќе стане повторно неговата вистинска зелена оаза, нашите вистински бели дробови.

Одлучни сме во намерата да се грижиме за зеленилото. Таму кај што има паркови нема да се градат нови згради.

Таму каде што ќе се гради, мора да има зелен појас наоколу.

Нашето здравје, вашето здравје, потребата за чист воздух и чиста вода за пиење се наша света должност и наша обврска.

Замислете, почитувани мои сограѓани, да ја имате таа можност со велосипед, на посебна патека да стигнете од Кисела Вода, преку Карпош до Ѓорче Петров. Или пак од Бутел низ Чаир до Центар повторно да стигнете со велосипед, а притоа да не бидете во сообраќајниот хаос. Е тоа, до крајот на мојот мандат ќе биде реалност!

Нема веќе да дозволиме нееколошките кинески автобуси, кои што за провизиите на Никола Груевски ги купи Коце Трајановски да не трујат. Наместо скап и нефункционален сообраќај, ќе овозможиме поевтин, добро организиран и еколошки јавен превоз на гас или со електрични автобуси.

Интензивно и ефикасно ќе работиме на гасификацијата.
Скопје, конечно, ќе стане град кој што работи за секој свој граѓанин. Скопје мора да биде место по мерка за живот на секој негов граѓанин. Со подобар квалитет на живот, со професионални, ефикасни и брзи услуги на градската администрација.

Ги почитуваме вашите потреби, го слушаме вашето мислење. Скопје ќе биде отворен и услужен град. Вашите идеи ќе бидат наша задача и моја обврска. Заеднички ќе ја градиме иднината на Скопје.

Скопје, драги мои е град на хуманитарноста. Скопје, за време на мојот мандат, ќе стане град кој што поврзува луѓе. Со модерни и квалитетни улици, дигитализирани, паметни сервиси за јавни услуги, комбиниран јавен градски превоз кој што функционира и е безбеден.

Го ослободуваме централното градско подрачје од густиот сообраќај, на начин што ја пробиваме „Илинденска“ со мост преку реката Вардар кон Ѓорче Петров и Волково.

Со плански изградени улици и булевари ќе го растеретиме сообраќајот.

Општините Бутел, Чаир и Шуто Оризари ги приближуваме кон центарот, со тоа што ќе го пробиеме сообраќајното решение, одовде покрај влада, со два моста, под скопското Кале, онаму кај Дуќанџик, кај пластичарска улица.

Ќе ги поврземе Аеродром и Кисела Вода, преку пругата. Во Ѓорче Петров ќе направиме побезбедни улици и коридори кон Бутел и кон Чаир. За нас сите скопски општини се важни!

Скопје ќе стане вистински мултиетнички град, Македонија во мало.

Нема веќе поделби, нема веќе привилегирани. Сите ќе бидеме исти, сите ќе бидеме едно.

Промените кои што ги носиме ќе не зближат, ќе има соживот, пријателство, разбирање.

И да знаете неуморно ќе работиме за вас, за градот, за Скопје да го вратиме на вистинскиот пат, на патот на просперитетот. За на Скопје да му обезбедиме иднина.

Младите генерации овде да ја гледаат својата шанса, а не да бегаат низ светот. Нашето најголемо богатство, драги мои, не се станови, коли, куќи, плацеви на Водно џаблк што се купуваат. Нашето најголемо богатство се нашите семејства, нашите деца. Нема да дозволиме заради лошо владеење ниту едно дете повеќе да ја напушти Република Македонија.

Ќе бидеме, свесна, совесна, одговорна власт и на државно и на локално ниво.

Затоа за младите градиме посебни мерки. Стимулираме отворање на нови работни места, мерки за самовработување, мерки кои што ќе овозможат поголем број на културни настани, за да го вратиме духот на Скопје. Нивниот живот да биде осмислен и квалитетен. Така ќе инвестираме во нашата младина.

Парите ќе ги враќаме кон граѓаните. Тоа е наша заложба, уште од минатите парламентарни избори. Нема како досега малите и средните претпријатија без причина да бидат казнувани и рекетирани од власта, туку ќе обезбедиме поддршка за нив и за развој на тие претпријатија.

И да не ги заборавиме нашите најмили, нашите најмлади. За нив ќе изградиме градинки, училишта, детски игралишта…

Пензионерите, најранливата категорија, оние луѓе кои што нас не израснале, а на кои што сме им должни сега да им вратиме ќе го имаат неопходното и вистинското внимание, Вистинска социјална грижа, вистинска помош.

Драги мои сограѓани,

Овде сакам да ја промовирам најновата мерка, која што свесно не ја запишав во програмата. На скопјани ќе им овозможиме да си засадат дрво за секое новородено дете. Секој скопјанин, секој граѓанин на Скопје да има сопствено дрво на иднината, кое што ќе го негува. Тој што не може да го разбере дрвото, тој не може да ја разбере иднината. Овде се нашите корени, овде е нашето стебло, овде е нашата крошна, нашата убавина, пред која што јас стојам вечерва.

Затоа драги мои пријатели, ова не се обични локални избори.

На овие избори треба да ја завршиме промената. На Скопје и на Македонија да обезбедиме иднина со подобар живот.

Иднина каква што заслужувате вие, иднина каква што заслужуваат сите наши сограѓани.

Јас со мојот тим, со кандидатите за градоначалници на другите општини, кои стојат зад мене и со значајна поддршка од централната власт тоа ќе го направиме.

Другар Зоки, среќен ти роденден, да си жив и здрав. Ете го драги мои нашиот ветер во грбот, за да можеме да ги реализираме сите овие наши планови, за да го обезбедиме животот за сите во Македонија.

Драг мој пријателе,

Ниту со мене, ниту со нас нема да ти биде лесно. Постојано ќе бидеме крај тебе и до тебе. Ќе барам, ќе инсистирам, ама нема никогаш да се откажам. Железни порти ќе отворам, ама заедно со тебе и со моите сограѓани ќе изградиме поубаво Скопје.

На нашето Скопје му требаат чесни, одговорни, истрајни луѓе…

Затоа мои драги скопјани, драги мои сограѓани, почитувани граѓани на Македонија – немаме повеќе ниту еден ден за губење… мора да го фатиме европскиот чекор, да тргнеме напред, кон подобра иднина.

Победата ни е тука на дофат. За само седум дена. И ние мораме да ја потврдиме. Да се погрижиме секој еден граѓанин да излезе, да гласа, да ставиме крај на оваа мрачна приказна за Скопје.

Затоа, почитувани сограѓани, ве повикувам на 15 октомври, сите заедно, масовно, гордо, достоинствено да гласаме за бројот 19 и да донесеме одлука која ќе донесе побезбедна иднина за сите!

Решително да ја донесеме вистинската одлука.

Сите заедно да гласаме за подобра иднина на нашите деца!

Да гласаме за домаќинско, за одговорно Скопје!

Да гласаме за победничко Скопје! Да гласаме за живот за сите во Скопје! Да гласаме за живот за сите во Македонија!

loading...
loading...
  Категории: