Кривично можат да бидат гонети оние што присилуваат на бојкот, но не и оние што повикуваат

Кривично можат да бидат гонети оние што присилуваат на бојкот, но не и оние што повикуваат

Академикот Владо Камбовски на денешната прес-конференција, запрашан за неговата неодамнешна изјава за оние кои ќе бојкотираат на референдумот, рече дека недозволиво е граѓани да одат од врата на врата и да им се закануваат на други граѓани да не излезат на референдумот на 30 септември.

– Таа работа е недозволена. Јас повторив дека секој може и да повика на бојкот, може да каже, може и да се бојкотира, но да оди и да ги присилува луѓето… Кој може да каже дека присилбата врз другите не е ограничување на неговата слобода, и кој може да каже дека е тоа дозволено. Треба да има граници, во секоја и политичка кампања и пропаганда. Таа не смее да зачекори во индивидуалната слобода на одлучување, на однесување… Јас на тоа мислев, вели Камбовски.

Секое зачекорување во слободата на некого, потенцира тој, мора да сноси одредени консеквенци.

– Луѓето нека се изјаснат според своето лично наоѓање „за“ или „против“, како што не можете да ги присилувате со сила ни да се изјаснат. Во време на изборите имавме такви случаи од она „со шлаканици ќе ги натераме луѓето“. Тоа е казниво дело, тоа е забрането. Тој што го правел таквото дејствие веднаш да биде притворен по мене, вели Камбовски.

Академикот Владо Поповски, пак, смета дека постои кривично дело од оној момент од кој, евентуално, се врши присила врз слободното изразување и врз желбата.

– Инаку доколку тоа е препорака, изнесување на личен став на тој што пропагира да се излезе и да не се излезе нема кривично дело. Имавме ние референдуми 2004 година, она „некои прашања не заслужуваат одговор“ и ние двајцата учествувавме на собири објаснувајќи дека треба луѓето да гласаат за референдумот. Но методот од куќа на куќа не се применува само во Македонија туку и во други држави како метод на пропаганда, вели Поповски.

Академикот потврди дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, иако смета дека може да се дискутира за некои прашања за договорот.

Нано Ружин, пак, предупредува дека негативното сценарио од референдумот ја отвора пандорината кутија за Западен балкан и има многу големи консеквенци, посочувајќи на политичка одговорност на оние кои што се против затоа што како што вели, одредени сили просторот го гледаат како простор во кој што треба да се владее и економски да се наметне. Има и стари и новодојдени сили, според него.

Камбовски, Поповски и Ружин одржаа прес-конфренција во пресрет на утрешната научна конференција посветена на Договорот од Преспа.