Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ е опседната со СЈО и со Катица Јанева

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ е опседната со СЈО и со Катица Јанева
17.02.17   18:52

Прочитано : 635

Print This Article

Доскорешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, се добива впечаток, е опседната со Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и со обвинителката Катица Јанева. Само за месец и половина од кои јануари беше исполнет со празници и со преговори со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, во соопштенија и прес конференции 17 дена се занимавала со институцијата и обвинителката

untitled-katica-vmro-final-kontraspin-final-000

Пишува: Теофил Блажевски

На 15-ти февруари 2017 г. ВМРО-ДПМНЕ лиферуваше соопштение, последното во низата оваа година, посветено на првиот човек на Специјалното јавно обвинителство, што значи на СЈО, во кое, меѓу другото, се наведуваат и следните спинови:

Спин: Катица Јанева е срам за правната фела. Веќе нема дилеми дека таа не работи по закон, непристрасно и професионално. Катица Јанева е продолжена рака на СДСМ. Катица Јанева нема никаков професионален интегритет и кредибилитет. Затоа, поддршката што ја има не оди подалеку од Бихаќка и од штабовите на СДСМ

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб, Датум: 15.02.2017]

Kontraspin - foto Vistinomer

Контраспин: Доскорешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе со соопштение во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство и обвинителката Катица Јанева, со наслов кој во неколку варијанти веќе е соопштен од партијата – Катица Јанева е срам за правната фела.

Станува збор за извртување на вистината или спин и тоа двоен во пасусот што го издвоивме како најкарактеристичен. Прво се оспорува стручноста, па тоа се врзува со наводниот линк меѓу Јанева и лидерот на опозицијата Зоран Заев, а потоа се кажува уште една извртена вистина, т.е. невистина, дека затоа СЈО и Јанева немале поддршка поголема од онаа на Бихаќка и „штабовите на СДСМ“.

 

СТРУЧНОСТА МОЖЕ ДА ЈА ЦЕНИ САМО СТРУЧНИОТ

Стручноста на едно обвинителство не може да ја одредува партијата ВМРО-ДПМНЕ, ниту која било друга партија. Стручноста може да ја оцени само стручната јавност, а по Законот според кој е формирано и делува СЈО, за контрола врз стручната работа на СЈО е задолжен Советот на јавни обвинители. Впрочем, токму деновиве овие две институции имаат контакти во врска со проценка на доказите и мотивите на СЈО да го повлече обвинителниот акт во случајот „Пуч“.

Но, ова, очигледно не ги спречува функционерите на партијата ВМРО–ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот Никола Груевски, кој се наоѓа и како осомничен и како обвинет во истрагите и случаите на СЈО, да дава свои стручни оценки. Тој во интервју за телевизијата Нова од минатата недела (11.02.2017) излезе со оценка и со зачуденост зошто го нарекувале обвинет, а дел од неговиот говор директно и индиректно се однесуваше на однесувањето на Судот и судијката што го води процесот:

Со мене во судската сала беа неколку луѓе од партијата. Кога излегоа ми велат – не можам да поверувам, дека за ова ве викаат на суд. Немаа апсолутно никаков доказ. Мислам, мислам, кога јас би бил на место на судијката би ми било срам што водам еден таков судски процес. Тука не е виновна судијката – да не бидам погрешно разбран, затоа што тоа е доставено и таа мора да го процесуира, но кога јас би бил од таа страна, би ми било непријатно јас да водам еден таков судски процес….(Груевски од 31 минута во разговорот).

Понатаму, Груевски како обвинет ги проценува доказите со кои располагало Обвинителството, тврдејќи дека снимките не биле докази оти биле креирани, а притоа никогаш од таа партија не прифатија, уште во 2015, експертиза за оригиналноста на тие снимки, кои се потврдени најмалку на два пати. Но, и без тоа и самиот Груевски уште на 31 јануари 2015 г. рече дека некои разговори биле точни, некои полуточни, а некои неточни. Во кои разговори спаѓа овој, за случајот со нередите во Општина Центар од 2013 г. и со неговата идеја да му се врзат три-четири јаки шамари на градоначалникот Андреј Жерновски? „Креирани“, вели Груевски, не прецизирајќи што значи тој збор.

 

СЈО Е ИНСТИТУЦИЈАТА СО НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО РМ

Вториот спин е во врска со поддршката што ја има СЈО и Катица Јанева. Покрај општиот впечаток на секој објективен набљудувач, а кој се темели на поддршката што ја добива СЈО и дома и во странство, како и врз поддршката што конкретно со недели ја добиваше на улиците ширум Македонија во 2016 година, постојат уште два репера. Тоа се двете објавени истражувања на јавното мислење кои биле објавени.

Првото беше објавено во средината на 2016 година и тоа од страна на Меѓународниот републикански институт од Вашингтон. На 9-ти јуни минатата година медиумите беа преполни со веста дека најголемата поддршка во Македонија, од 63 отсто, всушност, ја ужива институцијата СЈО.

Второто истражување беше објавено деновиве како дел од сеопфатно истражување на „М-Проспект“ заедно со МЦМС, а по нарачка на ТВ Телма. И според ова истражување, правено 7 – 8 месеци подоцна, т.е. на почетокот на февруари, СЈО ја ужива сè уште истата подршка од околу 63 отсто. Имено, на директно прашање „Дали сте за тоа да се продолжи периодот во кој СЈО може да подигнува обвиненија“, резултатите од над 1.000 испитаници биле „ДА“ со 62,8 отсто. Притоа, кај етничките Албанци тој процент достигнува и до 80-тина отсто.

Скриншот од истражувањето на јавното мислење околу СЈО на почетокот на февруари годинава. Извор: ТВ Телма

Скриншот од истражувањето на јавното мислење околу СЈО на почетокот на февруари годинава. Извор: ТВ Телма

 

17 СООПШТЕНИЈА И ПРЕСОВИ ЗА 40-ТИНА ДЕНА

Повод за ова најново соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, е изјавата во говорот на Специјалната јавна обвинителка во ЕУ Инфо центарот, кој се однесуваше на односот на Судот кон работата на СЈО:

Ние како Специјално јавно обвнителство не гониме обичен криминал, туку ја гониме криминалната група која се наоѓа во врвот на власта на Република Македонија и тоа мора да се сфати од страна на судот кој претставува трета власт, која треба совесно, чесно и професионално да си ја извршува својата службена должност во врска со случаите на СЈО, што за жал не е така.

Дека зборовите на Јанева за тоа каков криминал се гони се упатени во центарот, зборуваа многу факти досега. Отстапувањето од формалната поддршка за СЈО од страна на Груевски и ВМРО–ДПМНЕ се виде многу брзо по давањето согласност за формирање на оваа институција. Уште во декември 2015 г. и особено во јануари 2016 г. нападите зачестија, се зголемија откако при крај на минатата година беа подигнати две обвиненија, но дефинитивно, кулминација добиваат сега, во 2017 година.

Од почетокот на годинава, при што во јануари многи денови беа неработни, а самата ВМРО-ДПМНЕ до 29. јануари водеше и преговори за формирање влада со ДУИ, партијата лиферувала ни помалку ни повеќе туку 16 соопштенија или прес конференции посветени на СЈО и на Катица Јанева. Значи, за околу 45 календарски денови, од кои 30-тина се работни, во партијата, која десет години беше во врвот на власта, се занимавале со СЈО 17 дена, при што тука не ги броевме изјавите во интервјуата или ставовите во колумните на партиските функционери. Со едноставен преглед на веб страницата на партијата во деловите „Соопштенија“ и „Прес“, се гледа дека првото соопштение годинава било објавено на 13. јануари, додека последното на 15. февруари до објавувањето на овој текст. Овој податок, дефинитивно, остава впечаток за опседнатост на ВМРО-ДПМНЕ со СЈО и со специјалната обвинителка Катица Јанева.

Сите тие пресови или соопштенија, се преполни со извртени вистини или спинови, какво што, впрочем, беше и последното од 15-ти февруари, кое го оценувавме на почеткот на текстот.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

loading...

98548904543

17 фотографии кои докажуваат дека мачките се неодоливи кретени

на кои не можете да им се налутите

15271446_10154467469488387_2071062741_o