Кои се вистинските монструми во „Монструм“?

Кои се вистинските монструми во „Монструм“?
5.10.17   11:10

Прочитано : 7,774

Print This Article
loading...

Сите имаат право да бидат разочарани од текот и исходот од судењето во случајот „Монструм“: и осудените и роднините на загинатите и целата македонска јавност. Сите сме свесни дека целиот случај доби крајно сомнителна правна разврска, што беше најавено уште со политикантската прес-конференција на Гордана Јанкуловска по апсењето на осомничените за грозоморниот настан, во која пригода таа политички им пресуди на уапсените уште пред да им бидат земени и првични изјави.

Затоа е барањето на в.д. државната јавна обвинителка Лилјана Спасовска за откажување од обвинението, за поништување на пресудите и за започнување на целиот судски процес од почеток единствениот исправен, и во морална и во правна и во политичка смисла, пристап кон овој предмет. За таа храбра и професионална одлука на обвинителката Спасовска треба да ѝ се честита!

Да бидеме на јасно: во овој деликатен случај не е само важно да се утврди кој ги извршил ликвидациите на жртвите – и, во таа смисла, сегашните осудени, или барем некои од нив, можеби повторно ќе бидат прогласени за виновни – туку е подеднакво важно да се утврдат мотивите на егзекуторите, вистинските причини за тоа злодело, но и евентуалните инспиратори, организатори или помагачи во страшниот злостор кои, како што сега стојат работите, останаа вон дофатот на правдата.

Најавите на Заев („политичката калкулација“) дека „бомбата“ што содржи разговори што можат да ја расветлат подготовката, изведбата и контекстот на тоа злодело навистина ги подигнаа очекувањата во јавноста. По падот на неправниот режим на Груевски, во кој обвинителите Зврлевски и Гешковска играа клучна „слугинска“ улога, дојде време да се „отворат“ сите елементи на обвинителниот акт на „Монструм“, вклучувајќи ја и неговата квалификација, мотивите за злосторот, собирањето и изведувањето на доказите, како и самата пресуда. Ако се покаже дека и тој предмет, барем во некои од тие елементи, е политичка „продукција“ на претходниот режим – а такви валкани полициско-обвинителско-судско-политички ујдурми се бројат со десетици во изминатите десетина години – тогаш целиот правосуден „синџир“ (Јавното обвинителство, Кривичниот, Апелацискиот и Врховниот суд) ќе повелат да седнат на обвинителна клупа, без пардон! Во зависност од утврдувањето на фактите околу евентуалното нивно незаконито делување, ќе видиме дали и кои политичари и полицајци ќе им се придружат на таа клупа. Така ќе се заокружи колекцијата на монструми во „Монструм“.

Доколку ова расчистување не се случи, препорачувам веднаш да се сопре подготовката за реформа на правосудниот систем во Македонија. Не ни треба, и вака е арно, барем се знаат тарифите.

Конечно, ако мисли Заев дека целата работа е само во правосудни раце, многу се излажал. Импликациите од правната разврска на кривично-правните настани околу „Монструм“ имаат првокласна политичка важност за Македонија и такви ќе бидат и последиците по Заев доколку реши дека тоа него не го засега.

Сашо Ордановски
извор: Цивил

  Категории: