Јавниот интерес во медиумите – заложник на бизнисот и власта!

Јавниот интерес во медиумите – заложник на бизнисот и власта!
22.02.16   23:35

Прочитано : 1,158

Print This Article

Правото на јавноста да знае, да биде информирана и да има можност да учествува активно во процесите во општеството е неприкосновено и е дел од домашното и меѓународното право, како и на општоприфатените медиумски професионални и етички начела.

petrit saracini

Ова право граѓаните и јавноста го остваруваат воглавно преку медиумите, кои освен како платформа за информирање, на јавноста ѝ служат и како платформа на артикулирање на ставовите и место на одвивање на општествената дебата, но и како средство за притисок кон институциите и центрите на моќ за тие да се однесуваат во согласност со интересите на општеството.

Должност на медиумите е да бидат чувари на јавниот интерес, да го штитат и унапредуваат, но и да ги повикуваат на одговорност носителите на функции и политичарите, да ги расветлуваат случаите и настаните кои се важни за граѓаните, јавноста и општеството. Известувањето за корупцијата, криминалот, злоупотребите од страна на институциите или други моќници е од иманентен јавен интерес. Освен тоа, како важни сфери за јавниот интерес можеме да ги наведеме и демократијата и доброто владеење, човековите права и слободи, образованието, здравството и многу други општествени теми и области.

Но, актуелната состојба не укажува на тоа дека медиумите во Македонија се креатори и чувари на јавниот интерес. Напротив, тие се повеќе им служат на потесни, партикуларни интереси, на центрите на моќ во политиката и бизнисот.

Причините за тоа се многубројни и можат да се препознаат во речиси сите аспекти од нивното функционирање, од кои како најважни ги издвојуваме начинот на производство на содржини, нивниот квалитет, како и функционирањето на медиумите во актуелното деловно и правно опкружување. Бројните извештаи и јавни изјаснувања на меѓународните организации, како Извештај за напредок на Европската комисија или на ОБСЕ, или пак оценките на меѓународните и домашните професионални медиумски организации, преку повеќе истражувања чиишто наоди се опфатени и во последнатаанализа за медиумите и јавниот интерес, укажуваат на тоа дека проблемите се бројни и повеќеслојни. Сепак, тие не се резултат на неразвиеноста на медиумскиот систем во целина или пак отсуството на легислатива и механизми за нејзино спроведување.

Македонија има голем број медиуми, технологија и кадар кои им овозможуваат да ја остваруваат нивната улога, релативно добра легислатива, развиени системи за дигитален пренос на информации, спроведена дигитализација, солидна пенетрација на интернетот и сменети десетици уредници во влијателните медиуми образовни институции за формално и континуирано неформално образование на медиумскиот кадар, механизми за саморегулација и еснафско здружување. Но, во праксата, сите овие елементи се предмет на нарушување и дисторзирање, при што создадените аномалии и дискфункционалност, на крајот, освен со лоши перформанси во повеќе аспекти, резултираат и со отуѓување на медиумите од јавниот интерес.

Мала бара полна крокодили – важи законот на помоќниот, а блискоста до центрите на моќ е нужна за опстанок на медиумите

Македонија има повеќе од доволен, дури и преголем број на медиуми (особено електронски), што честопати „неупатените“, а најчесто политичарите на власт, го користат како аргумент за постоење на „плурализам“ во медиумскиот простор. Доминираат националните приватни медиуми (пред се телевизиите), наспроти јавните медиуми. Има речиси целосно отсуство на непрофитни електронски медиуми, додека локалните медиуми и медиумите на заедниците, дел од кои згаснаа во последниве неколку години, бијат секојдневна битка за опстанок. Регулативата и саморегулативата ги следи европските медиумски политики, но нивното спроведување се соочува со сериозен отпор, кој се воочува во неспроведувањето, неказнивоста или пак селективното и пристрасно спроведување и (не)почитување од страна на институциите и дел од медиумската заедница, како и отсуството на волја за создавање пофункционален медиумски амбиент.

Симбиозата меѓу политичко-економските елити и медиумските сопственици го определува она што се пласира во медиумите и влијае врз „способноста“ на новинарите за критичко опсервирање на општествените настани. На клучните редакциски позиции се именуваат лојални послушници, а оние кои ќе покажат автономност се менуваат без валидни образложенија, или пак се маргинализираат и санкционираат. Во изминативе десетина години, според сведоштвата на долгогодишни уредници и познавачи на медиумските прилики, на овој начин од раководечки места во редакциите се сменети десетици уредници во влијателните медиуми.

Концентрацијата на сопственоста во приватните медиуми во рацете на малкумина ја загрозува разновидноста и плурализмот, а трката за профит, кој во последниве неколку години доминантно се стекнува од државни средства (владини реклами) директно се одразува врз уредувачка политика. Практично, најголем дел од мејнстрим медиумите се речиси целосно потчинети на инструментализација за деловни и политички цели, од што не се лишени ни локалните медиуми, но од политиката и бизнисмените на локално ниво.

Медиумите поделени и инструментализирани, растат притисоците врз новинарите, паѓа компетентноста и квалитетот на содржините

Последните сеопфатни истражувања на медиумскиот амбиент во оваа насока кај нас укажуваат дека медиумската сцена е остро поларизирана и политизирана, а новинарите работат во атмосфера на цензура (прикриена и отворена) и самоцензура. Тие се цел на (меѓусебни) обвинувања, притисоци (директни и индиректни), закани, напади, казни, па дури и затварање поради својата работа. Евидентен е падот на етиката, но и подемот на професионалната некомпетентност и подводливоста на влијанието на политиката и бизнисот. Пропагандистичкото новинарство и корупцијата на медиумите добиваат загрижувачки размери. Уредниците, дел од маѓепсаниот клиентелистички круг, повеќе се грижат за интересите на медиумските газди, политичарите и огласувачите отколку за интересите на јавноста. Тоа директно се „пресликува“ во новинарските содржини.

Во отсуство на постојаност во медумската политика и јасно дефиниран јавен интерес во медиумите, низ годините, медиумите се повеќе стануваа плен на политичкиот и економскиот интерес, занемарувајќи го интересот на широката јавност. Наместо одговорни пред јавноста, тие станаа поле на борбата токму помеѓу парцијалните интереси отсликани во уредувачката политика и самата јавност, која се обидува на различни начини да ја воспостави природната каузалност меѓу медиумите и публиката и да ги „демократизира“.

Наодите на меѓународните набљудувачи за известувањето на медиумите за време на изборите, начинот на којшто тие покриваа значајни настани, како што е објавувањето на тнр. „бомби на опозицијата“, студентските протести, случаите Шпион, Пуч, итн., укажува дека инфилтрацијата на политиката и бизнисот во „креирањето“ на јавиот интерес во медиумите е веќе предлабока, и ја деградира нивната клучна улога и функција. Во битката со „бруталната“ комерцијализација, централизација и инструментализација на медиумите во функција на бизнисот и политиката, глобален тренд којшто е особено воочлив во нашиот регион, најголем губитник е граѓанинот како носител на демократијата во општеството.

Како да се излезе од тунелот?

Кои се начините на кои што можеме да ја извлечеме медиумската сфера во Македонија од оваа ситуација и да ги вратиме медиумите на браникот на интересот на јавноста? Се чини дека тој процес е тежок, комплициран, и изискува повеќеслојни и повеќедимензионални решенија, односно суштинско подобрување на состојбите во медиумската сфера од повеќе аспекти.

Најпрвин формалното дефинирање на јавниот интерес во медиумската регулатива во Македонија е повеќе од нужно. Тоа се однесува не само на јавните, туку и на приватните медиуми, особено оние кои имаат општ формат и создаваат информативна програма.

Институциите на земјата треба да овозможат амбиент, во кој медиумите и новинарите ќе можат да ја остваруваат оваа улога. Ова, пред се`, се однесува на функционирањето на правните механизми (пред се` на органите на прогонот, судството, регулаторните тела и независните државни комисии) – и за заштита на нивните права, но и за одговорностите што медиумите ги имаат при комуницирањето со масовна публика, а кои треба да функционираат на независен, непристрасен, неселективен и правичен начин.

Освен тоа, сопственичката структура не смее да остане одлучувачки фактор во дефинирањето на уредувачката политика, туку треба да биде транспарентна, а главниот акцент треба да биде на одговорноста пред граѓаните. Придржувањето кон етичките стандарди е претпоставка за грижа кон јавниот интерес, а нивното непочитување мора да се санкционира ревносно од самата новинарска заедница, која треба да ја прифати саморегулацијата во далеку поширок обем отколку досега.
Еден од клучните предизвици во оваа насока е функционирањето на јавниот радиодифузен сервис, кој не смее и не може поинаку да функционира освен во функција на јавниот интерес, за што е потребно зајакнување на механизмите за обезбедувањето на таквата негова улога, пред се`, во уредувачката и финансиската независност.

Плурализмот во медиумските содржини и поголемата застапеност на содржините поврзани со јавниот интерес треба да се охрабрува и поттикнува и преку меѓународните фондови за таа намена, но и преку поддршката од државните средства, која треба да се насочува според однапред познати и стручни критериуми, а изборот на добитници на тие средства да го прават компетентни и независни тела, на јавен и транспарентен начин. Освен поддршката за содржините, треба да се размислува и во насока на развивање на непрофитните медиуми кои речиси и да не постојат, како и на медиумите на заедниците и локалните медиуми, кои се се позагрозени.

Активниот приод на граѓаните кон медиумите, овозможен со новите технологии, станува се` позначаен и е повеќе од неопходен. Јавноста треба интензивно да ги користи сите начини кои и стојат на располагање и да бара подобар квалитет на медиумските содржини. Затоа, особено е важно зголемувањето на нивните вештини за критичко восприемање на медиумските содржини, што во ситуација кога не функционираат останатите механизми, е можеби единствениот начин за нивна заштита од напливот на дијаметрално спротивни информации за исти настани или нивно премолчување, пренагласување или минимизирање, од измислувањето на факти, мешањето на информациите со коментарите, или пак од растечкиот популизам и пропаганда во медиумите.

Петрит Сарачини
извор: Республика

loading...

98548904543

17 фотографии кои докажуваат дека мачките се неодоливи кретени

на кои не можете да им се налутите

15271446_10154467469488387_2071062741_o

  Категории: