Извештај од Атина: Грците поделени во однос на договорот со Македонија

Извештај од Атина: Грците поделени во однос на договорот со Македонија
13.06.18   12:57

Прочитано : 356

Print This Article
loading...

Грчката и македонската влада се согласија за компромис во деценискиот спор за името. Грчкиот парламент ќе мора да го изгласа договорот, но се насетуваат проблеми. Во Атина се заканува внатрешно-политички конфликт, пишува Дојче веле.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас прогласи „голема дипломатска победа“, но рече дека се отвора и „голема историска шанса“, откако постигна договор со македонскиот премиер Зоран Заев за решавање на деценискиот спор за името. Соседната земја се согласи во иднина да се нарекува Република Северна Македонија. Ова име, додаде Ципрас, ќе важи „ерга омнес“. Тоа значи: не само Грците, туку и сите други земји во светот ќе и се обраќаат на земјата со Северна Македонија.
Дали навистина тоа ќе се случи е прашање, затоа што над 140 држави ја признаваат младата држава со нејзиното уставно име „Република Македонија“.
„Дали договорот меѓу Скопје и Атина ќе има иднина зависи од почитувањето на ерга омнес“, смета Јоргос Цогопулос, доцент за меѓународни односи на Универзитетот Тракија.
Убеден во тоа е Константинос Филис, директор за истражување на атинскиот Институт за меѓународни односи.
„Основната насока ја сметам за позитивна“, вели тој. Во некои точки се потребни објаснувања- како на пример дали Грција ќе признае постоење на македонски јазик. Или воведувањето на северномакедонско државјанство. Но попрецизни оценки ќе можат да се даваат откако ќе се објави целиот договор, вели Филис за ДВ.

Нови ветришта
Според најавите во грчките медиуми, викендов премиерите Ципрас и Заев ќе се сретнат во преспанскиот регион за да го потпишат договорот и да отворат нова ера на взаемна соработка.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека е задоволен од договорот. Сепак Грција нешто доби, имено: „стопирање на територијалните претензии, признавање на актуелните граници, запирање на шпекулациите за постоење на овдешно малцинство, значењето на ерга-омнес“. Оттука консеквентно е и што другата страна добива нешто, заклучува Коѕијас.
Повеќе од 25 години трае спорот за името. Долго време грчките влади одбиваа било какво компромисно име кое би ја содржело придавката „македонски“ во било каква форма. Земјата беше примена во ОН под привременото име БЈРМ. Но, скептиците во Грција одбиваа да го користат и тоа име па зборуваа за „скопска држава“.
Од доаѓањето на власт на левицата во Грција во 2015 и особено по промената на власта во Скопје во 2017, обете страни засилено се ангажираа во потрага по компромис- конечно и со успех.
По договорот меѓу Заев и Ципрас, може да започне постапката за прием на земјата во НАТО, смета Филис.

Куриозитетите на атинската политика

Но внатрешно-политичката ситуација во Атина е нестабилна: деснопопулистичката партија Анел, помал коалициски партнер во владата на Ципрас, отфрла било каков компромис со Македонија. Лидерот на партијата и министер за одбрана Панос Каменос во вторникот најави дека останува на тој став. Тој се закани дека доколку некој пратеник од неговата партија гласа за договорот ќе биде веднаш исфрлен. Но, во истовреме, рече и дека ќе остане во владината коалиција, дури и доколку договорот биде изгласан.
Без Анел, Ципрас повеќе нема мнозинство во парламентот и затоа ќе зависи од гласовите на опозициските партии- во прв ред од социјалистите.
Доколку му успее ова „уметничко дело“, атинската политика ќе биде побогата за следниот куриозитет: иронично, социјалистите кои се во опозиција и бараат предвремени избори ќе го обезбедат политичкиот опстанок на Ципрас, додека неговите сојузници ќе се однесуваат како опозиција, без да ја напуштат владата.

loading...
  Категории: