Издвоено мислење на Беким Кадриу и Ирфан Дехари за претставката поднесена од Гордана Јанкулоска против судијката Добрила Кацарска

Издвоено мислење на Беким Кадриу и Ирфан Дехари за претставката поднесена од Гордана Јанкулоска против судијката Добрила Кацарска
7.09.18   17:56

Прочитано : 407

Print This Article

Мнозинството на Комисијата за заштита од дискриминација, на седницата одржана на ден 27.08.2018, усвои Мислење по претставката бр. 0801-193/1 од ден 11.06.2018 година, претставка поднесена од подносител Гордана Јанкуловска, а против Основен Суд Скопје 1 Скопје и судија Добрила Кацарска.

Со мислењето, мнозинството од Комисијата утврдува вознемирување  спрема подносителот на претставката врз основа на пол и политичка припадност, а во областа “социјална сигурност и здравствена заштита, како и правосудство и управа”.

Со ваквото мислење не се согласуваат членовите на Комисијата Др. Ирфан Дехари и Проф. Др. Беким Кадриу, кои во согласност со Деловникот на Комисијата го поднесуваат и образложуваат следното 

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. Од формален аспект, мислењето усвоено од страна на мнозинството во Комисијата има големи недостатоци.

Пред се, во диспозитивот на мислењето се утврдува вознемирување спрема подносителот на претставката, а во образложението, мнозинството од Комисијата се обидува да констатира “нееднаква положба” на подносителот, што пак не е конститутивен елемент на вознемирувањето. Ако се утврди вознемирување, потребно е да се дадат аргументи за несакано однесување кое има за цел или за последица создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина. Нееднаквиот третман пак, е конститутивен елемент на дискриминацијата, а не на вознемирувањето. Значи, мнозинството од Комисијата не прави разлика и ги меша концептите на дискриминацијата, од една страна и вознемирувањето, од друга.

Понатаму, во диспозитивот мнозинството од Комисијата утврдува вознемирување по основ на пол и политичка припадност, додека во образложението се зборува само по однос на бременоста на подносителот на претставката и нејзиното евентуално вознемирување со закажување рочишта. Во образложението, во ниту еден момент не се даваат аргументи за постоење на вознемирување по основ на политичка припадност. Ова се коси со основните начела на пишување на мислења или слични акти (одлуки, пресуди), кога треба образложението да се однесува на тоа што се тврди во диспозитивот, а не нешто да се тврди во диспозитивот, а во образложението да нема никаков аргумент за тоа. Особено кога се утврдува вознемирување или друг облик на дискриминација. Со тоа, се зацврстува сомнежот дека мислењето на мнозинството од Комисијата има политичка позадина, и има за цел само да се утврди вознемирување по основ на политичка припадност, без ниту еден аргумент, факт или доказ дека постои вознемирување врз таа дискриминаторска основа.

Од формален аспект, исто така, во диспозитивот на мислењето се утврдува вознемирување затоа што судијата постапила “спротивно на член 5 точка 4 и 6” од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Само да појасниме, членот 5 од Законот се однесува на поимникот и ги објаснува термините употребени во Законот. Смешно е да се тврди дека некој направил дискриминација или вознемирување затоа што се однесувал спротивно на поимникот на Законот, каде во конкретните точки (4 и 6) се дава објаснување на изразите “дискриминаторско однесување и постапување” и “еднаквост”.

На крај, мнозинството од Комисијата ги меша концептите “област на дискриминација” и “дискриминаторска основа” кога тврди дека подносителката на претставката била вознемирена “во областа на пол и политичка припадност”. Да појасниме, полот и политичката припадност се основи на дискриминација, а не области. Во продолжение на диспозитивот, вознемирување се утврдува во областа “социјална сигурност и здравствена заштита, како и правосудство и управа”. Да појасниме и ова дека во Основниот суд Скопје 1 не се даваат услуги од социјалната сигурност или здравствената заштита за да се тврди постоење на дискриминација во оваа област. Затоа, во конкретниот случај може да станува збор само за областа “правосудство и управа”, нешто што беше кажано и на самата седница на Комисијата.

2. Од суштински аспект, тоа што останува да се аргументира, надвор од формалните недостатоци на мислењето на мнозинството, е дали постои вознемирување по основ на пол односно бременост, затоа што во судски предмет каде подносителот на претставката е обвинета, се закажани повеќе рочишта во текот на еден месец. За ова, ќе укажеме на следното:

Прво, треба да се признае дека судијата која го води предметот, ја издвои постапката спрема обвинетата (тука-подносител на претставка) само поради нејзина бременост. Исто така, после породување, судијата не закажа рочиште во рок од 60 дена после породувањето, за да може обвинетата (тука-подносителот на претставката) да се грижи за своето новороденче и да ги остварува нејзините права како родилка и мајка. Со тоа, мора да се признае понежниот пристап што судот и судијата го имаат спрема обвинетата, како бремена жена, мајка и родилка. Ова не се спомнува никаде во Мислењето на мнозинството, а што оди во спротивен правец од тврдењето дека постои вознемирување.

Второ, што е уште позначајно, никаде во нашето законодавство нема одредби кои би го спречиле судот да закажува рочиште само заради бременост на обвинетата. Спротивно, има случаеви кога спрема обвинети кои се бремени се изречени мерки на претпазливост, дури и притвор, што не е случај во овој предмет. На овој начин, не држи тврдењето на мнозинството од комисијата дека вознемирување се појавува затоа што се закажани “8 рочишта за временски период од еден месец” или дека се однапред закажани рочишта за месец септември или октомври. Едноставно, според подносителите на оваа издвоено мислење, закажувањето на рочишта нанапред, не значи по дефиниција вознемирување на обвинетата. Спротивно, правото на судење во разумен рок бара судот “постапката да ја спроведе без одложување” и на лицето против кого се води постапката “да му биде судено без неоправдано одложување” (член 6 од Законот за кривична постапка). Ако пак обвинетата во конкретен случај не може да ја следи постапката, може да бара одложување на рочиште, какво што имало повеќе одлагања токму за овој предмет.

Поради горенаведеното, членовите на Комисијата Др. Ирфан Дехари и Проф. Др. Беким Кадриу не се согласуваат со мнозинството од Комисијата и сметаат дека не постои вознемирување или било кој друг облик на дискриминација во овој предмет.

Скопје, 03.09.2018 Подносители на Издвоеното мислење

Др. Ирфан Дехари 

Проф. Др. Беким Кадриу 

Членови на Комисијата за заштита од дискриминација

  Категории: