Иванов на карневал во Кавадарци: Важно е да имате бериќет, за да може да си го уредите животот поубаво!

Иванов на карневал во Кавадарци: Важно е да имате бериќет, за да може да си го уредите животот поубаво!

-Еве, ја продолжуваме традицијата што сме ја наследиле од предците. Ние годинава бевме тука на закројување на лозјата, а сега да видиме каков е бериќетот од тоа што сме го направиле на почетокот на годината, кога сега доаѓа гроздоберот да видиме каков е квалитетот на грозјето, за да можеме да имаме и квалитетно вино. Да продолжиме виното да биде покрај нас во убави моменти на трпеза, за да се потсетуваме на улогата на виното низ историјата и особено на овој крај каде што ние кои потекнуваме од овој дел, знаеме колку е важно за сите наши граѓани да имаат богат род, бериќет, за да може да си го уредуваат животот, поубав и подостоинствен – порача претседателот Ѓорѓе Иванов денес во Кавадарци, пренесе Фокус.

Тој е дел од гостите на градоначалникот Митко Јанчев, по повод традиционалната манифестација ,,Тиквешки гроздобер 2018”.

Покрај Иванов, кој во градот дојде со сопругата Маја, во Кавадарци се присутни и евроамбасадорот Жбогар, амбасадорите од Франција, Холандија, министерот Никола Димитров, и голем број на претставници од Владата, како и пратениците и советниците од општината.

-Официјално ја започнуваме бербата на грозје, и секоја година се стремиме кон подобар квалитет и подобри услови. Во Кавадрци имаме регистрирано над 6.500 индивидуални земјоделци кои поседуваат површини со лозов насад, така да ова е од големо значење. Благодарен сум за присуството на претседателот Иванов, на евроамбасадорот, на амбасадорите, на Владата на Република Македонија, министрите, пратениците, советниците, на сите кои се присутни на овој значаен ден за Општина Кавадарци. Би сакал заеднички да направиме една дружба овде (во општинската сала), па потоа да одиме на карневалското дефиле, за да го чествуваме овој празник на град Кавадарци – порача градоначалникот Јанчев.

По Винскиот карневал и многубројните културно – уметнички настани предвидени за денес, во склоп на манифестацијата, во Кавадарци вечерва се очекува и одржувањето на големиот концерт на балканската турбо фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ. Настанот ќе започне во 22 часот, на градскиот плоштад, каде се очекуваат десетици илјади посетители.