Истрагата за авионската несреќа почна, пајперот паднал 4 минути пред слетувањето

Истрагата за авионската несреќа почна, пајперот паднал 4 минути пред слетувањето
7.09.16   18:04

Прочитано : 571

Print This Article

12 часа по откриеното место на падот на италијанскиот пајпер истражителите на сите надлежни институции се комплетираа и го почнаа увидот. Лошото време и упорниот дожд го одолговлекуваа процесот, а до местото на падот двајцата обвинители кои ја водат истрагата и тимовите на крима техника и на судска медицина последните половина час ги минуваа пеш по ридовите кај Кожле, пренесува Телма.

avionot-italijanski_vo_kozle[1]

Истрагата е на почеток, никој не соопштува кои се можни причини за несреќата. На небото над остатоците од пајперот летаа авиони на комерцијални летови, но многу повисоко од кобниот рид. На терен се најдени и останки од 6-те патници и екипажот, сите италијански државјани, од кои еден имал косовско потекло. Нивните тела се однесени на судска медицина каде по обдукцијата ќе се врши идентификација.

Обвинителството соопшти дека во истрагата користи и дрон кој одозгора го снима местото на несреќата. Исто така обвинителите извршиле испитување на двајца пилоти, кои со други два авиони биле дел од ескадрилата која заедно со урнатиот пајпер полетала од Тревизо кон Приштина и Скопје, а успешно слетале на Александар Велики.

Во последното јавување на пилотот немало знаци на проблеми, а летот се одвивал нормално. 4 минути пред планираното слетување на пистата на скопскиот аеродром, пајперот исчезнал од радарот.

Еден час по губењето од радарот, жител на селото пријавува дека слушнал експлозија во близина на селото. Веднаш е активиран одделот за специјални полициски операции. Поради прецизните насоки и следењето на курсот за слетување на аеродромот, паднатиот авион е најден околу 20 часот. На местото се најдени и останки од тела, а итната медицинска помош стига околу 1 часот на лице место но нема кому да даде помош.

Ноќта се губи за работа, но местото на падот е обезбедено од полицијата и утрово тимот на обвинителството се упатува кон Кожле. Околу 9 часот увидот веќе е во тек. Таму беше и директорот на јавната безбедност, но не даваше детали поради истрагата која се уште е во тек.

Италијанскиот пајпер за крајна дестинација ја имал Приштина, а во Скопје требало да слета за да наполни гориво. Но летот завршил трагично десет километри јужно од аеродромската писта.

  Категории: