ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата со порака за Меѓународниот ден на хомофобија, трансфобија и бифобија

ИППГ за правата на ЛГБТИ лицата со порака за Меѓународниот ден на хомофобија, трансфобија и бифобија
17.05.18   11:09

Прочитано : 45

Print This Article
loading...

Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, по повод 17 Мај – Меѓународниот ден против хомофобија, трансфобија и бифобија, кој оваа година ширум светот се одбележува под мотото „Сојузништва за солидарност“, ја изразува својата солидарност со ЛГБТИ луѓето кои преживеале различни видови стигматизација, дискриминација и насилство.

Како што се наведува во соопштението од ИППГ, меѓу нивните партнери кои го одбележуваат овој ден се и пратениците од Интергрупата за правата на ЛГБТИ луѓето во Европскиот Парламент, од кои добиле поддршка и честитки за формирањето на Интерпартиската група за правата на ЛГБТИ луѓето во Собранието на Република Македонија.

– Како пратеници во Европскиот парламент кои се посветени на одбрана и унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во ЕУ и пошироко, среќни сме што и нашите колеги го прават истото. Македонија деновиве испишува историја, со тоа што е првата земја во Западен Балкан која основала ваква група. Ова е силна и многу потребна порака дека ЛГБТИ граѓаните треба да се еднакви со нивните сограѓани во Македонија, се вели во писмото со честитки од ЛГБТИ групата на ЕП.

И покрај остварениот важен напредок за правата на ЛГБТИ лицата, нотиран и во Извештајот на Европската комисија, сепак ЛГБТИ заедницата во Македонија се соочува со сериозни предизвици, се посочува во соопштението.

– Дискриминацијата и насилството врз ЛГБТИ луѓето се уште се присутни и затоа, не само што најостро го осудуваме говорот на омраза, насилството и дискриминацијата врз ЛГБТИ луѓето во Македонија, туку и согласно нашите надлежности, активно работиме за подобрување на законската регулатива. Поднесовме амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за додавање на сексуална ориентација и родов идентитет како дискриминациски основи со што експлицитно ќе се забрани медиумските услуги да содржат програми кои поттикнуваат или шират дискриминација, нетрпеливост и омраза, се наведува во соопштението.

Нашата цел, додаваат од ИППГ, е преку позитивни промени да овозможиме заштита од говор на омраза, насилство и дискриминација и развој на инклузивно општество што подеднакво го почитува секој поединец без разлика на која било различност, вклучително и различната сексуална ориентација и родов идентитет.

  Категории: