Еднаш на 200 години пишувам ваква колумна

Еднаш на 200 години пишувам ваква колумна

Знаеме сѐ за земјотресите, светските заговори, ХАРП и НЛО, но не знаеме дека децата треба да ни се најбезбедни токму во градинка и на училиште и дека не смеат да ни ги враќаат ако нема безбедносен ризик поврзан со оштетувања на објектот.

kokalanov

Нас, бе, ако нѐ стават во погрешен вагон за бегалци наместо за туристи, наместо да се побуниме и да побараме да се симнеме од вагонот, возејќи се ќе дискутираме колку коњски сили е моторот, дали е дизел и дали Хилари Клинтон преку НСА го следи овој наш разговор. Една од добрите работи во време на земјотреси е што можеш слободно да свртиш кај Перо во два по полноќ за да му раскажеш некој виц без да се грижиш дека ќе го прекинеш во гледање на репризата на „Јанко јади бурек“.

Му ѕвонам јас така во ниедно време, се извинувам најкултурно ако прекинувам седница на куќен совет, а Перо уште покултурно ме замолува да побрзам со вицот, зашто пред зграда штотуку добиле дојава за нов земјотрес во следните тринаесет минути. Штом е таква работата, не губам време.

– Слушај, Перо. Евакуиран е градов поради земјотреси, само во Министерството за труд и социјала гори светло во две канцеларии. Фросина Ременски и Диме Спасов си праќаат контрасоопштенија. Веќе не се знае кој го лупнал првото и за што било, сега си маваат афтершокови. На одење, доцна во ноќта, ете ги во лифтот заедно. И белја работа, баш тогаш здрмало, зградата лом, ама среќа во несреќа – лифтот да ти се најде во триаголник на животот и ете ги Фросина Ременски и Диме Спасов живи-здрави, ама заглавени во лифт среде урнатини. Црна темница, прав на сите страни, мртва тишина, а тие некако останати без муабет по цел ден препукувања. Молчеле, молчеле така некое време, а потоа мразот го скршил Диме: Да пуштам клима?

Не велам дека тектонските плочи во главата на Македонецот се изместени, но известувањата изминативе неколку дена се да се потресеш. Да ти биде насловна вест дека лавовите ноќта ја поминале мирно, а мајмуните биле највознемирани е, во најмала рака мајмунска работа и е доста вознемирувачко поместување на текстонските плочи во главата на Македонецот и индикација дека го губиме (епи)центарот за ориентација.

П.С. Пресметав и самиот (и јас сум во напредна еволутивна фаза) дека дури и да ги преживеам поплавиве и земјотресите во Скопје, шансите пак да ја напишам истава колумна во следниве двесте години се рамни на нула. Значи, ова е редок историски феномен, читате колумна која во ваков облик се појавува еднаш на двесте години.

Колумната на Сашо Кокаланов во целост прочитајте ја тука