Доне и неговите јаболка

Доне и неговите јаболка
16.05.18   18:35

Прочитано : 653

Print This Article
loading...

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Кокаланов за Призма:

Штотуку ги беше обрал јаболката од дрвото и ги беше однел на пазарот. Убави црвени јаболка, да ти ја наполнат дланката кога ќе поземеш некоја од нив, тешки, полни сокови, живи, иако веќе откинати од гранката… Ако ги зариеше тогаш забите во нив, ќе потечеа сокови, поточно ќе бликнеа, ќе прснеа по лицето на гладниот, мислиш растеле на еукалиптуси, не на јаболкници, и пиеле вода како жедни камили.

Нејсе, радоста не доаѓаше само од изгледот на јаболката, ами и од фактот дека првпат беше сам свој газда, веќе не продаваше на пазарот туѓи јаболка, за друг газда и за мала надница, туку си имаше своја јаболкница, една ама вредна. Ем своја ем види каков род дала. Се истурила природата и таа од радости што јаболката се во рацете што ја копале, засадиле, хранеле и напојувале јаболкницата, како родено чедо што се расте.

Дончо наполни десетина гајби, ги натовари една преку друга, и потем по една по две ги пренесе на пазарот. Зашто и Доне тогаш беше млад и орен за работа и полн со сила, а не смее да се занемари ниту ентузијазмот што како некоја слаба благопријатна струја од возбуда му го тресеше организмот однатре и му ја задржуваше насмевката на лицето од утро до мрак. Со ваква насмевка ќе им продадеш песок на Мавританците, не јаболка на гладните, си велеше Доне.

Првиот ден не продаде ништо. Можеби ја прецени почетничката среќа, можеби премногу се надеваше на својата насмевка и љубезност, можеби ги потцени комшиите од соседните тезги, кои од завист зборуваа лошо за неговите јаболка. Те црви ги имале јадено, а тие мазни како кожа на бебе; те град ги имал тепано, а тие без ниту една дамка, ниту бенка ниту младеж, црвени ќе пукнат од здравје; те отрови биле прскани, а Доне сиромашен како што го дал Господ, немал вода во очи, не пак пари за хемии, не оти еколошки образован, ами грижлив за својата единствена јаболкница како за чедо свое – со раце ги гмечеше мравките по стеблото, со нокти им ја кинеше главата на гасениците по лисјето.

Целата колумна на Призма на следниот линк.

loading...
  Категории: