Демократски сојуз: Парализа на системот за превенција

Демократски сојуз: Парализа на системот за превенција

Соопштение на Демократскиот сојуз:

ds demokratski sojuz

Демократскиот сојуз одржа прес-конференција за дејствувањето на превентивниот систем од земјотреси, поплави, пожари и сл., при што Павле Трајанов, претседател на ДС ги презентираше следните ставови:

Неколкуте земјотреси кои го тресеа Скопје, како и неодамнешните поплави во Скопско, на површина исфрлија бројни проблеми, но и покажаа дека целокупниот превентивен систем за заштита на граѓаните од природни и друг вид на елементарни непогоди е во целосен колапс (распад).

При поплавите отсуствуваше навремено предупредување за невремето, како и насоки како да постапуваат граѓаните за да се заштитат, додека државните институции за заштита и спасување или не реагираа или тоа го направија пост-фестум.

Од силните земјотреси граѓаните беа затечени без претходни насоки и увежбување на системот како да се однесуваат и како да се заштитат, со цел да се намалат можните последици.

Преку образовниот систем не се едуцираат учениците, студентите, наставниците (вклучително и директорите, деканите и др.) за постапување во услови на загрозена безбедност од земјотреси, поплави, пожари или друг вид на закана (терористички акт со биолошко оружје и сл.).

Детските градинки, училиштата, факултетите, студентските домови, трговските центри и други објекти каде има масовно собирање или престој на граѓани, се без конкретни планови или нивна уиграност за дејствување во услови на земјотрес, поплава, пожар или друг вид на загрозување.

При вакви катастрофи сосема се нормални и очекувани реакции на граѓаните (страв, паника и сл.), но загрижува тоа што државните институции (Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи и др.) не реагираа соодветно согласно Законот за заштита и спасување, да информираат навремено, да понудат центри за прифат на граѓани кои ги напуштија своите домови и сл.

Накусо кажано целокупниот превентивен систем не функционира, при што не потсетува на еден слоган „ништо не може да не изненади освен дожд”.

Демократскиот сојуз, предлага, Владата на Република Македонија, да направи ревизија на законската регулатива, да подготви стратегија и оперативен план за практична примена (тренинг) на превентивните мерки и дејствување во услови на природни непогоди.

Овие активности треба континуирано да се одвиваат и проверуваат, надополнуваат со нови мерки и сл.

Последните поплави и земјотреси покажаа и дисфункционалност на системот поради што предлагаме Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи да се интегрираат во една институција, Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија, како и Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ и Републичката Управа за хидрометеоролошки работи, кадровски да се екипираат и модернизираат и оспособат ефикасно да ја извршуваат дејноста.

ДС се залага за Интегриран и ефикасен систем за превентивно дејствување при земјотрес, поплава, пожар или терористички акти.

Тој систем мора да биде оперативен, граѓаните добро информирани, а со институциите да раководат врвни професионалци.