Анима мунди: Нападите се случиле од расно куче со сопственик, бараме одговорност

Анима мунди: Нападите се случиле од расно куче со сопственик, бараме одговорност

Здружението за заштита на животните Анима Мунди во реакцијата по повод синоќешниот случај на неколку напади врз шест лица, меѓу кои и деца од страна на куче – скитник во Аеродром наведува дека станува збор за расно – куче, а вината ја лицираат во неодговорните сопственици кои го пуштиле на слобода.

– Вината за овој настан е во неодговорните сопственици, во оние кои кучето го воспитале/научиле да напаѓа, а кои го пуштаат слободно да шета и на тој начин ја изложуваат јавноста на опасност – во нив е целата одговорност и бараме итно да одговараат, наведуваат од Здружението.

Изразувајќи дека се потресени и засегнати лично, наведуваат дека нападите се случиле од расно куче кое е непознато на локалното население и на активистите за заштита на животните од тој реон и оти се обидуваат да го лоцираат сопственикот, односно тој што го ослободил.

Од Анима мунди, воедно, информираат дека првпат наидуваат на институционална подготвеност да се третира и надмине овој проблем, поточно интензивно се работи со Град Скопје за да се дефинираат хумани, применливи и ефикасни мерки што ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња, и стационар Вардариште.