Ангела Меркел и нејзините Французи

Ангела Меркел и нејзините Французи

Француските претседатели доаѓаат и заминуваат, а германската канцеларка Ангела Меркел останува – и со секој од нив се обидува да изгради што подобри односи. Дали тоа важи и за Емануел Макрон, анализира Дојче веле.

Жак Ширак, гордиот деголист од стар ков, го наследи нервозниот самопромотер Никола Саркози. И покрај тоа што Саркози беше целосна спротивност на трезвената Ангела Меркел, ќерката на еден свештеник, нивниот однос, под притисок на финансиската криза се разви толку добро, така што за нив двајцата беше создадена и посебна кованица: „Меркози“. Изгледаше како да се политички нераздвојни.

Меркел меѓутоа направи грешка, поддржувајќи го за време на француската предизборна кампања реизборот на Саркози. Но победи социјалистот Франсоа Оланд и тоа од почетокот фрли сенка врз нивниот однос. А тогаш уште и во авионот на Оланд, додека патуваше во прва посета на Берлин, удри гром. Каков знак! Сепак нив двајцата ги зближија- ако ништо друго, тогаш поради европските, но и интересите на сопствените земји-заедничките акции како што беше, да речеме, посредувањето во украинската криза. Така со текот на времето меѓу нив беше изградена и доверба. Потврда за тоа е и фактот дека, не само првиот туку и последниот пат во странство на Оланд во функцијата претседател беше во Берлин, кај Ангела Меркел.

Што ги обединува Макрон и Меркел?

А сега тука се значи Ангела Меркел и Емануел Макрон. Нив двајца ги раздвојуваат речиси 23 години, речиси една цела генерација. Но разликата во годините веројатно е најмал проблем- на крајот од краиштата, сопругата на Макрон е само две години постара од Ангела Меркел. А политички, Меркел не е никаков идеолог. Таа е прагматична и се позиционира на левото крило на својата партија ЦДУ. Макрон, веројатно, е уште потешко да биде сместен во тие лево-десни шеми: беше министер под социјалистот Оланд, но се залага за либерализација на законот за пазарот на труд и пониски даноци за претпријатијата, исто како и поголеми инвестиции во јавниот сектор.

Клер Демесмеј, француска експертка во Германското друштво за надворешна политика, смета дека Макрон е добро подготвен и нема илузии: „Макрон ја познава Германија. Тој знае што го очекува и знае кои се германските црвени линии. Но истотака знае каде се можностите.“

Најнапред реформи во Франција а потоа европска политика

Канцеларката Меркел вчеравечер во Берин го дочека новоизбраниот француски претседател, кој ја одбра токму Германија за прва странска дестинација, која ќе ја посети. На средбата недвосмислено се искристализира редоследот на задачи кои Макрон треба да ги изврши. „Прво се неопходни реформи во Франција а потоа и поголема интеграција во еврозоната“, вели Демесмеј. Позитивните реакции и оптимизмот кои произлегоа од состанокот упатуваат дека Меркел и Макрон се согласни околу тоа по кој пат да ја продолжат европската политика. Демесмеј сепак предупредува: „Макрон е штотуку избран, а Меркел е во изборна кампања. Тоа не е оптимален период за големи чекори кон интеграција. Но ако Меркел остане канцеларка и по изборите, двајцата политичари имаат релативно долг временски период за иницијативи“. И двајцата согледуваат колкав е значајот на германско-француската соработка и свесни се за сериозноста на ситуацијата во Европа. Истотака, двајцата ја споделуваат идејата дека Франција мора да биде јака и завртена кон иднината. А тоа веќе е добра основа за соработка“.