Академик Филиповски: Низ децении не прекрстуваа, но Македонија останува

Академик Филиповски: Низ децении не прекрстуваа, но Македонија останува
11.09.18   20:19

Прочитано : 1,072

Print This Article

Академик Ѓорѓи Филиповски спаѓа во групата на научни работници, универзитетски професори кои ја формираа МАНУ во 1967 во куќата на „Уранија“, кога заедно со Милош Бартош и другите југословенски академици ги поставија основите на МАНУ, чија годишнина сега се одбележува.

-МАНУ досега беше институција на македонската држава. Ништо нема да се смени доколку се смени името. Ќе се смени името а суштината е иста. Сега е Македонска Академија на државата Република Македонија, а ќе биде највисока установа на Република Северна Македонија. Што се менува? Ништо! Сите членови остануваат исти, сета активност останува иста, Македонија добива една придавка, а придавки Македонија добивала откога знам јас. Памтам пред војната, не викаа јужносрбијанци, памтам 41 година дојде Бугарија и не викаа македонски блгари. Дојде ослободувањето, не викаа македонци. Името на Македонија се менуваше со придавки. Дојде осамостојување се регистриравме како БЈРМ. Не викаше ли некој „Бјрмовци“? Не. Името на етничката заедница нема никаква врска. Велика Британија се вика Обединето Кралство. Кој ги вика „Обединети Кралеви“?Или „Великобританци“. Таму живеат Англичани, Шкоти, Велшани, Ирци. И ние така ќе бидеме. Државата ќе се вика Северна Македонија, а ние етничките заедници секој со свое име – Македонците – Македонци, Албанците – Албанци, Турците – Турци. Ништо нема да се менува.

Што е за Вас белег за на МАНУ, вчера и денеска, и што би требала да биде утре?

-Прво да ви кажам дека јавноста нема добра претстава што е МАНУ. Сите мислат дека е МАНУ или се вика Македонска Академија поради тоа што е академија на етничките Македонци, што не е точно. Македонска академија се вика заради тоа што е на македонската држава. Првиот член со кој што се дефинира академијата е дека академијата е највисоката научна и уметничка институција на Република Македонија – не на македонскиот народ. Исто така, кога се бираат академици, критериумот е да има високи дострели во науката и уметноста и да биде државјанин на Македонија. Никаде не пишува да припаѓа на една или друга заедница. Како резултат од тоа, во академијата од првиот до денешен ден свој човек имаа скоро сите етнички заедници.Покрај Македонците имаше Турци, Албанци, Власи, Евреи, Срби и голем број од мешани бракови и сето тоа функционира многу успешно и заради тоа нема тенденција кај некои други етнички заедници да формираат свои факултети, бидејќи можат да бидат во еднакви услови членови заедно со другите претставници на етничките заедници.

1tv.mk:

  Категории: